Во 32 градови и општини во Србија е прогласена вонредна состојба поради поплави, потврди денеска директорот на „Србијавод“ Горан Пузовиќ. Тој вели дека се отстрануваат последиците од поплавите, но дека постои закана од нов бран излевања, бидејќи од утре се очекуваат обилни врнежи.
„Луѓето се на терен, опремата е на терен, се спроведуваат сите краткорочни мерки кои ќе овозможат доколку има нов бран поплави, сите загрозени места се држат под контрола“, изјави Пузовиќ за Српската радио-телевизија (РТС).
Како што соопштија за РТС од Министерството за внатрешни работи на Србија, од 26 мај до денеска биле евакуирани 76 лица, а припадниците на полицијата имале околу 500 интервенции. Исто така, поради предвидените обилни врнежи – остануваат на готовност. Од полицијата наведуваат дека од понеделник нема дополнителна евакуација, но дека од утре се очекува нов бран врнежи што може да предизвика дополнителни проблеми, бидејќи земјиштето е натопено, а коритата се полни.
Големи штети има во Свиланец, а поради обилните дождови и излевањето на Моравица, вонредна состојба е прогласена во Сокобања, каде под вода се градските улици и селските патишта. Најлошо беше во населбата Чаир каде беа поплавени педесетина куќи. На територијата на Крушевац под вода беа 55 објекти и 200 хектари обработлива површина, а во Коцељева веќе еден месец е во сила вонредна состојба. Вода во подрумите на куќите и станбените згради, оштетени помошни објекти и мебел и во Чачанско.
Уништени се обработливи полиња, оранжерии и повеќе од 30 километри локални патишта. Во сите интервенции ангажирани се 1.073 пожарникари-спасувачи со 30 возила со 525 пумпи и 35 членови на Специјалистичката екипа за спасување и работа на вода.
Апокалиптични сцени по поплавите имаше и во дворовите околу Шабац каде водата порасна над 70 сантиметри, и во поплавите во Јагодина, Бабушница и Александровац.
извор: РТС