Заради ризиците од можен недостиг на гориво Словенија, Владата на земјата донесе итни мерки за стабилизирање на залихите.
Во помошта е вклучена и словенечката армија, чија логистичка бригада учествува во дистрибуцијата на нафтени производи низ целата земја. Како што е објавено на официјалните канали на армијата, во согласност со одлуката на Владата на Република Словенија, подготвени се тимови и материјални ресурси за да се обезбеди снабдување со гориво на граѓаните.
За таа цел, активирани се и екипи на цистерни за гориво од 670-от логистички баталјон. Екипите добија дополнителна обука и веќе се распоредени на терен, каде што учествуваат во транспортот и испораката на гориво. Армијата истакнува дека нивните цистерни веќе придонесуваат за постабилно снабдување и побрзи испораки до бензинските пумпи.
Во Словенија, од полноќ на 24 март, на сила е одлуката за ограничување на полнењето гориво на бензинските пумпи, со цел ублажување на проблемите во снабдувањето со нафтени деривати.
Ограничувањата се на сила на неодредено време. Владата, покрај ангажирањето на армијата за транспорт на гориво, ги повика дистрибутерите подобро да ги координираат испораките од магацините до пумпите, со цел да се забрза дистрибуцијата.
Полнењето гориво е ограничено на 50 литри дневно по лице, односно 200 литри по правно лице и по физичко лице кое врши економска дејност, вклучително и земјоделство.