Собирот на вработените во Радио-телевизија Србија (РТС) упати остар апел до раководството и надлежните институции, барајќи итна реакција и насоки за работа во услови на блокада. Во отворено соопштение, тие предупредуваат дека, доколку нема обраќање, ќе го сметаат раководството за повлечено и неспособно да управува со јавниот медиум.
Вработените побараа и оставки од уредници и новинари кои го нарушиле новинарскиот кодекс, обвинувајќи ги за ширење невистини и навредливи содржини во Дневник 2 и други емисии. „Ова не е само прашање на професионализам, туку и морална одговорност пред јавноста“, се вели во соопштението.
Нагласена е и одговорноста кон граѓаните на Србија, кои, според нив, биле изложени на манипулативни и цензурирани информации што се несвојствени за јавен сервис.
„Информативната програма на РТС мора да претрпи коренити промени. Потребно е транспарентно и одговорно новинарство кое ќе ги одразува сите општествени процеси и ќе служи на јавниот интерес“, стои во заклучоците на собирот.
Поради пропустот да се покрие студентскиот протест на 15 март, архивата на РТС остана без документација за настанот – што е трајна штета за јавниот сервис. Дополнително, се бара да престане практиката на испраќање новинари и техничари со скратено работно време на ризични теренски задачи, бидејќи тоа претставува директна злоупотреба.
Блокадите пред РТС и РТВојводина продолжуваат веќе шести ден, како реакција на неинформирањето за протестите и маршот на студентите-велосипедисти до Стразбур. И покрај притисокот, јавниот сервис продолжува со емитување, но со очигледни тешкотии.