Вработените во јавниот сектор во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Штрајк на јавниот сектор во Грција
Штрајк на јавниот сектор во Грција

Поради измените во законот за дисциплинска постапка за државните службеници што ќе биде донесен во грчкиот Парламент, Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција (АДЕДИ) утрово започна 24-часовен штрајк, јави дописничката на МИА од Атина.

Од АДЕДИ соопштија дека новиот закон е против работничките права и бараат итно повлекување, а преку штрајкот го изразуваат нивното несогласување со, како што велат „обидот за криминализација на синдикалното, општественото и граѓанското дејствување, изедначувањето со општи кривични дела, укинувањето на второстепениот дисциплински совет и правото на жалба, како и екстремно големите казни“.

Во штрајкот, организирани од нивните синдикати, се очекува да учествуваат и здравствените работници, општинските работници, наставниците и професорите итн.

Првично, со четиричасовен прекин на работата на учество во штрајкот повика и Асоцијацијата на контролори на летање на Грција, меѓутоа вчера, Првостепенениот суд во Атина најавениот прекин на работата го прогласи за незаконски, па така авионскиот сообраќај ќе се одвива регуларно.

Редовно ќе сообраќаат и бродовите и траектите, како и возовите и јавниот превоз.

Во рамките на штрајкот закажан е и протест на плоштадот Синтагма во 10 часот утрово.

Зачлени се на нашиот е-билтен