Денеска во Хрватска се одржува вториот круг од претседателските избори. Избирачите ќе одлучуваат меѓу актуелниот претседател Зоран Милановиќ и кандидатот на владејачката ХДЗ, Драган Приморац. Избирачките места се отворени од 7:00 до 19:00 часот, а до нивното затворање важи изборен молк.
Во првиот круг на 29 декември, Милановиќ освои 49,10% од гласовите, додека Приморац доби 19,35%. За гласање се регистрирани околу 3,8 милиони граѓани, кои гласаат на 6.755 избирачки места во земјата и странство.
Предизборните анкети најавуваат убедлива победа на Милановиќ. Се очекува поголема излезност во овој круг, но аналитичарите проценуваат дека тоа нема значително да влијае на резултатите.
На првиот круг гласаа 46,02% од запишаните избирачи.
Ова е завршница на „суперизборната“ година за Хрватска, во која покрај претседателските, се одржаа парламентарни избори во април и избори за Европскиот парламент во мај. Годинава се предвидуваат и локални избори.