Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека надлежните служби во земјата го чистат снегот побрзо отколку во Њујорк, Вашингтон и Берлин.
„Кај нас, снегот се чисти многу побрзо и многу порано отколку во Њујорк и Вашингтон. Нема ни да кажам дека се чисти значително побрзо, на пример, отколку во Берлин. Ние сме единствената земја што започнува со акции веќе за време на снежните врнежи – и со солење и чистење на улиците како прв приоритет. Речиси никаде на друго место ова не се случува“, рече Вучиќ.
Српскиот шеф на државата призна дека поради временските услови има одредени тешкотии на аеродромот во Белград. Според него, воздушниот сообраќај се одвива со минимални доцнења, додека во некои европски земји летовите се прекинати со денови.
Обилните снежни врнежи во Србија доведоа до голем број проблеми, главно до отежнат и задоцнет сообраќај на многу патни делници, а на некои места се регистрирани и прекини на електричната енергија.
За разлика од Вучиќ, белградските медиуми имаат поианкво мислење.
„Кој очекува снег во јануари? Очигледно не белградската општинска компанија одговорна за чистење на улиците на српскиот главен град. Ова стана јасно кога, поради снежните врнежи, белграѓани беа принудени да пешачат речиси насекаде. Автобусите за јавен превоз останаа во депоата, а малкуте возила што се качија на патот ја изгубија контролата и излегоа од патот поради истрошени гуми. Сообраќајот беше сериозно отежнат, улиците беа покриени со снег, а возењето не беше подобра алтернатива“, пишува белградскиот весник „Данас“.
„Белграѓани кои се осмелија да излезат надвор, бидејќи снегот е очигледно најстрашната работа што може да го снајде главниот град, немаа друг избор освен да пешачат. И тоа на свој ризик, бидејќи покрај патиштата, тротоарите не беа исчистени, што создаде дополнителна опасност. Сепак, за да не изгледа ситуацијата сосема мрачна, поради неспособноста на општината, граѓаните и учениците барем синоќа се забавуваа со снежни борби пред зградата на Народното собрание – на местото каде што до пред неколку дена се наоѓаше таканаречениот „Хациленд“. Уште една добра вест за жителите на Белград е дека по осум месеци, плоштадот Никола Пашиќ конечно е повторно прооден. Градот полека се опоравува од колапсот, јавниот превоз постепено се враќа во нормала – најмногу затоа што снегот во меѓувреме престана да паѓа. Сепак, останува прашањето кој ја носи главната одговорност за парализираниот Белград и што треба да се направи за да се спречи повторно да се случи слична ситуација.“