Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска во Пекинг дека имал повеќе значајни билатерални средби со над десет светски лидери, како и со големи кинески компании заинтересирани за инвестиции во Србија. Меѓу нив е и компанијата Xpeng, која се занимава со развој на летачки автомобили. Вучиќ најави дека до 1 декември 2026 година во Србија ќе биде претставена нивната примена, а ќе бидат прикажани и на специјализираната изложба Експо 2027 во Белград.
„Имавме многу важни билатерални средби со 11 или 12 светски лидери. Долго разговарав со претседателот на Азербејџан, Алиев, како и со претседателот на Узбекистан. Се сретнав и со премиерот на Словачка, Роберт Фицо, со кого разговаравме за европскиот пат на Србија, соработката меѓу нашите земји, ситуацијата во Украина и други прашања“, изјави Вучиќ за новинарите.
Тој додаде дека присуствувал и на воена парада во Пекинг. „Можевте да видите не само огромен напредок на кинеската армија, туку и на нивната индустрија и технологија. Кина постигна неверојатен развој,“ нагласи Вучиќ.
Во рамки на посетата, српскиот претседател имал и средба со претставници на компанијата Xpeng.
„Јас на народот му ветив – многумина ми се смееја кога зборував за тоа – дека ќе воведеме летачки автомобили. Верувам дека веќе следната година, до 1 декември, ќе можеме да прикажеме како функционираат летачките автомобили на територијата на Србија. Тие моментално чинат околу 300.000 долари, односно околу 260.000–270.000 евра. Очекувам дека ќе ја видиме нивната примена и користење, токму како што ветив, за време на специјализираниот Експо во нашата земја,“ рече Вучиќ.