Започна гласањето на дијаспората за парламентарните избори во Косово

Косовските граѓани кои живеат во дијаспората почнаа да гласаат во дипломатските претставништва за парламентарните избори кои се закажани за утре.

Гласањето започна во 07:00 часот во косовските амбасади и конзулати во европските земји, додека во САД и Канада ќе започне во 13:00 часот, по локално време во Косово.

Гласањето на 8-ми февруари се одвива во 43 избирачки места, во 16 амбасади и 14 конзулати на Косово, лоцирани во 19 различни земји во светот.

Ова е првпат дијаспората физички да гласа во дипломатските претставништва на Косово.

Портпаролот на Централната изборна комисија, Валмир Елези, на конференција за медиумите изјави дека за гласање во дипломатските претставништва на Косово се пријавени 20.324 гласачи.

За парламентарните избори на 9 февруари право на глас имаат над 2 милиони гласачи во и надвор од Косово.

Во меѓувреме, од 9 јануари до 8 февруари, дијаспората можеше да гласа и по пошта. ЦИК претходно објави дека 104.934 гласачи се пријавиле да гласаат надвор од Косово, а 84.525 од нив избрале да гласаат по пошта.

Во трката за новиот пратенички состав се 28 политички партии и еден независен кандидат. Граѓаните можат да изберат една партија и до десет кандидати за пратеници.

Овие гласови ќе го изберат новиот состав на 120-члениот Парламент, а пратениците потоа ќе ја изберат новата влада.

Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.

Собранието на Косово има 120 пратенички места, од ​​кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката заедница има три, турската заедница има две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг е 5%.

Ова се први редовни избори што ги одржува Косово по прогласувањето независност во 2008 година. Досега во земјата се одржаа серија предвремени избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен