Жена го пронајде градот од соништата: Куќи речиси бесплатни, а кафе и кроасан чинат помалку од 2 евра

Кога Рубија Даниелс првпат им кажала на пријателите дека во Италија купува шест куќи за само еден евро, мислеле дека се шегува. Но во 2019 година, оваа 51-годишна консултантка за урбанистичко планирање, која од 1996 година живее во Сан Франциско, навистина го направила тоа – купила шест руинирани куќи во Мусомели, старо планинско гратче на Сицилија, преку локална иницијатива за оживување на напуштени недвижности, пишува CNBC.

Секако, постоел и „фат“ со тие куќи: биле во различни фази на распаѓање – некои без покрив, без основна инфраструктура.

– Спакував шест куфери со алат и агрегат – се присетува Даниелс.

Заедно со сопругот и братучедот отпатувала во Италија за да го преземе сопствеништвото врз куќите, откако потрошила вкупно околу 22.500 евра на административни и агенциски трошоци.

И покрај руинираната состојба, Даниелс, која повеќе од 16 години работи како консултант за просторно планирање, била целосно опуштена.

– За мене е природно да преуредувам простори и да уринам ѕидови. Мојот сопруг, на пример, паничи кога ќе ме види како ги разгледувам овие проекти, но за мене тоа е мешавина од возбуда и радост – изјавила таа.

Првата куќа, која била целосно урната, сега е целосно обновена.

– Има прекрасна спална соба од мермер – рече таа.

Обновата ја чинела околу 56.500 евра, а се надева дека нема да мора ништо да санира наредните 50 години. Нејзината визија не завршува со семејните домови – една од шесте куќи ќе биде претворена во центар за јога и медитација.

– Би било убаво на овој начин нешто да ѝ се врати на заедницата – рече таа.

За обновата користела локални занаетчии – од мијалници до подови, сè е набавено во Мусомели.

– Сакавме сè да го направиме во и со заедницата каде што ги купивме недвижностите. Обожаваме да сме тука, многу е поубаво отколку во Калифорнија – објаснува таа.

Она што ја привлекло во Мусомели не биле само ниските цени, туку и начинот на живот.

– Никој не се брза, сè е пристапно. Кафе и кроасан чинат 1,50 евра. Во Калифорнија сè е површно и стресно – вели Даниелс.

Сега нејзините две тетки, на возраст од 70 и 82 години, планираат трајно преселување во ова сицилијанско планинско место. Иако нејзиниот потфат на почетокот предизвикал чудење меѓу пријателите во САД, некогаш заборавениот Мусомели сега привлекува внимание од целиот свет.

– Моментално најмалку 30 луѓе размислуваат да купат една куќа – изјавува таа, објаснувајќи колку иницијативата станала популарна.

За Рубија причината за преселбата отсекогаш била јасна:

– Куќата практично ја добиваш бесплатно, а можеш да ја претвориш во што сакаш.

Зачлени се на нашиот е-билтен