Зошто Европа и светот молчат за студентските протести во Србија?

Сликата од 15 март, кога на белградскиот плоштад „Славија“ се појавија безброј мобилни телефони кои светкаа како светлосни точки, брзо го обиколи светот. Овој протест, според различни извори, собра меѓу 100.000 и 300.000 луѓе и беше еден од најголемите во современата историја на Србија.

Студентите, заедно со професорите, наставниците, земјоделците и адвокатите, веќе месеци излегуваат на улиците низ 40 градови во Србија, барајќи одговорност за трагичниот инцидент во Нови Сад, при кој животот го загубија 15 лица. Сепак, оваа голема политичка криза, која ја обележува владата на Александар Вучиќ, поминува речиси незабележано во Европа и светот.

Според Би-Би-Си, официјалните претставници на големите сили не ја коментираа сериозно ситуацијата. Ведран Џихиќ, истражувач на австрискиот институт за меѓународна политика, истакнува дека Европа и Америка значително молчат во споредба со претходните години, кога во 1990-тите, при протестите против Слободан Милошевиќ, и ЕУ и САД активно ги поддржуваа демонстрациите.

Ал Џезира ја истакнува критиката на еврокомесарката Марта Кос, која не ја спомена ситуацијата во Србија на средбата со Вучиќ. На нејзината објава на платформата Х, многу корисници изразија незадоволство, нагласувајќи дека српските граѓани очекуваат конкретна поддршка, а не такви изјави.

Критики пристигнаа и од српската опозиција, како и од европратениците, кои ја повикаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ја преиспита својата најавена средба со Вучиќ и да испрати порака за потребата од преодна влада во Србија.

Одговорот на европските лидери е повеќе фокусиран на економските интереси, со што се создава простор за консолидација на авторитарните структури во Србија, што може да го ослаби проевропскиот курс во земјата.

ЕУ би можела да ѝ даде поголема поддршка на опозицијата кога би била појасно профилирана и проевропска. Сепак, опозицијата во Србија страда од неспособност, фрагментација и „его-борби“ меѓу лидерите на малите партии, што го намалува нејзиниот кредибилитет во очите на меѓународните партнери – пишува Ал Џезира.

Како што наведува медиумот, „Европската комисија и Советот на Европската Унија се обврзани со дипломатски протокол и приоритет им е стабилноста, додека пратениците во Европскиот парламент се послободни отворено да го критикуваат Вучиќ“.

„Така, поддршката за протестите дојде доминантно од редовите на социјалистите, демократите, либералите и зелените, додека Европската народна партија (ЕПП) молчеше – наведува медиумот.

Зачлени се на нашиот е-билтен