Зошто студентите за Стразбур патуваат преку Унгарија, а не преку Хрватска и Словенија?

Студентите кои веќе со месеци се во блокада создаваат нова реалност, не потсетуваат на она што сме го заборавиле и што не смееле да го заборавиме. Додека тие ја враќаат вербата, надежта, љубовта и правдата меѓу луѓето, секогаш има и такви кои ги критикуваат – зошто баш вака, зарем немаше подобар начин, зошто сега токму овој план?

Така беше и кога се појави веста дека студенти од Нови Сад ќе патуваат со велосипеди до Стразбур. Целта им е да ги запознаат европските институции со состојбата во Србија, кога веќе домашните институции не ја вршат својата работа.

Тие ја објавија својата рута: Нови Сад – Суботица – Будимпешта – Братислава – Виена – Линц – Салцбург – Минхен – Штутгарт – Стразбур.

Веднаш се појави прашањето – зошто не преку Хрватска и Словенија, кога растојанието е пократко и таму би ги пречекале многу нивни сонародници?

На социјалните мрежи се појави објаснување дека студентите ја избрале оваа рута бидејќи следат веќе утврдена велосипедска патека – EuroVelo 6. Оваа рута е претежно рамна и од границата со Унгарија голем дел минува низ велосипедски патеки. Доколку одеа преку Хрватска и Словенија, ќе мораа да поминуваат низ села и магистрални патишта, што е помалку безбедно. Покрај тоа, висинската разлика е значајна во Словенија – поради што велосипедизмот не е само прашање на растојание, туку и на висински предизвици. Од околината на Марибор до средината на патот кон Виена има сериозни планини, каде што во овој период од годината сè уште има снег. Патот преку Унгарија и Австрија е побезбеден, побрз и подобро организиран.

Од профилот на Техничкиот факултет во Нови Сад на социјалната мрежа X напишаа: „Ако се прашувате зошто одат овде, а не онаму – поради конфигурацијата на теренот, коридорот EuroVelo 6 и, се разбира, теориите на заговор, за да има селото за што да зборува.“

Студентите изјавија за Nova.rs дека планот на турнејата е подложен на измени на дневна основа, но градовите низ кои ќе поминат се конечни.

Како што наведоа, нивната цел е да ги информираат меѓународните институции кои можат да влијаат на институциите во Србија и на тој начин да создадат притисок врз надлежните. Втората цел е привлекување медиумско внимание што би довело до зголемен јавен притисок.

Проаѓањето низ поголеми европски градови исто така е дел од иницијативата, каде што студентите ќе ја истакнат поддршката од нивните сонародници надвор од границите на Србија и ќе изградат меѓународни студентски односи со универзитетите низ кои ќе поминат.

Значи, студентите имаат јасен план, а сами рекоа дека ќе нè известуваат за сите детали навремено. Единствено што ни останува е да им веруваме – затоа што тие се меѓу ретките што не нè изневериле.

Зачлени се на нашиот е-билтен