Казахстанскиот тенисер Александар Бублик беше длабоко изненаден и разочаран по убедливиот пораз од светскиот број еден, Италијанецот Јаник Синер, во осминафиналето на САД Опен со резултат 6:1, 6:1, 6:1. Во интервју за ЕСПН по мечот, Бублик го опиша Синер како „играч создаден од вештачка интелигенција“, алудирајќи на неговата совршена и технички безгрешна игра.
Додека Синер доминираше и покажуваше неверојатна енергија, Бублик беше неефикасен и без израз, што дополнително ја влоши неговата игра. Тој забележа само два аса, направи 13 двојни грешки, а освои само 19 проценти од поените на втор сервис. Имајќи само 13 винери и 31 неизнудена грешка, неговиот настап беше далеку од очекувањата.
Сепак, на крајот од натпреварот, Бублик успеа да ги воодушеви навивачите со неколку впечатливи поени. По мечот, со насмевка, во шега му рече на Синер: „Не сум лош, но што се случува?“ И подоцна на Инстаграм објави кратка порака „АИ“, со што уште еднаш алудираше на надчовечкиот перформанс на својот противник.
Во четвртфиналето, Синер ќе се соочи со својот сонародник Лоренцо Мусети, додека потенцијалниот финален натпревар би можел да биде против Карлос Алкараз или Новак Ѓоковиќ.
Во женската конкуренција, Јапонката Наоми Осака обезбеди место во четвртфиналето со убедлива победа над третата на светската ранг-листа, Американката Коко Гоф, со 6:3, 6:2. Осака, која е 24-та на светот, успеа четири пати да го земе сервисот на противничката, која не освои ниту еден брејк. Следна ривалка на Осака ќе биде Чешката Каролина Мухова, која по тежок натпревар ја победи Украинката Марта Костјук. И Полската тенисерка Ига Швионтек, со убедлива игра, го помина натпреварот против Русинката Екатерина Александрова.