Европската недела на спортот донесе атлетски трки и специјален режим на сообраќај на Водњанска

Попладнево граѓаните кои минуваа низ улицата „Водњанска“ забележаа полициски возила и амбулантни возила, а дел од улицата беше затворен за сообраќај. Причината не е алармантна – од СВР Скопје информираа дека денес, 23 септември, од 17:30 до 21:00 часот е воведен посебен режим на сообраќај поради атлетска трка како дел од Европската недела на спортот.

Трката започна пред ОУ „Кочо Рацин“ и продолжува по улиците „Тодор Александров“, „Партенија Зографски“ и „Ацо Караманов“. Сообраќајот се пренасочува по околните улици, а полицијата апелира возачите и пешаците да ги следат инструкциите на службените лица.

Македонија и годинава се приклучи на најголемата европска спортска кампања, која трае од 23 до 30 септември. Отворањето беше проследено со атлетски и велосипедски трки, тимски спортови, забавни програми, фитнес и рекреативни активности за сите возрасти.

Европската недела на спортот има за цел да ја промовира пораката за здрав и активен живот, истакнувајќи ги придобивките од редовната физичка активност за сите генерации.

Зачлени се на нашиот е-билтен