ФИФА ги утврди правилата и распределбата на шеширите за ждрепката за Мундијал 2026

Ждрепката за Светското првенство во фудбал 2026 ќе се одржи на 5 декември идната година во Вашингтон, но ФИФА веќе ги објави деталите за процедурата на извлекување.

Според официјалните информации, домаќините на првенството – Канада, Мексико и САД – автоматски се сместени во првиот шешир. Останатите 39 селекции кои веќе изборија пласман ќе бидат распределени во четири барабани со по 12 репрезентации, врз основа на ФИФА-рангирањето објавено минатата недела.

Посебно правило важи за екипите што ќе дојдат преку баражите: двете селекции од интерконтиненталните плејоф-дуели и четирите победници од европските баражи ќе завршат во четвртиот шешир. Тоа значи дека, доколку Македонија оствари пласман на Мундијалот преку баражот, ќе влезе во последниот барабан и ќе добие ривали од најсилните рангови.

Распределба на шеширите според ФИФА:

Шешир 1: Канада, Мексико, САД, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Германија

Шешир 2: Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија

Шешир 3: Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка

Шешир 4: Јордан, Зеленортски Острови, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, победниците од европските плејоф-патеки А, Б, Ц и Д, плус двете селекции од интерконтиненталниот плејоф

ФИФА воведува и специфични ограничувања при извлекувањето: највисоко рангираната Шпанија и второпласираната Аргентина ќе бидат поставени на спротивни страни од костурот, исто како и Франција и Англија. Овие правила се воведени за најсилните репрезентации да не можат да се сретнат пред самото финале доколку ги освојат своите групи.

Ждрепката во Вашингтон ќе го даде конечниот распоред на групите за првиот Мундијал со 48 репрезентации, кој ќе се игра во три држави – САД, Канада и Мексико.

Зачлени се на нашиот е-билтен