Женскиот фудбал продолжува да руши финансиски бариери – овојпат со трансферот на француската репрезентативка Грејс Гејоро, која од ПСЖ премина во Лондон Сити Лајонес за рекордни 1,65 милиони евра.
Овој износ го надмина претходниот рекорд поставен пред само два месеци, кога Арсенал ја доведе Канаѓанката Оливија Смит од Ливерпул за 1,15 милиони евра. Денес тој трансфер веќе е четврти на листата на најскапи во женскиот фудбал.
Лондонскиот клуб, новајлија во англиската WSL, со овој потег привлече големо внимание во фудбалскиот свет, а тековниот преоден рок се покажа како историски – пет од седумте највредни трансфери досега беа реализирани токму ова лето.
Гејоро, 28-годишна играчка од средниот ред, е клучен дел од француската репрезентација со 103 настапи и 23 погодоци од 2017 година наваму. Таа целата своја досегашна сениорска кариера ја помина во ПСЖ, каде освои една шампионска титула, три национални купови и двапати играше во финалето на Лигата на шампионите.