Ѓоковиќ во налет кон нова титула: „Атинската арена е меѓу најдобрите во светот!“

Новак Ѓоковиќ продолжува да го поместува лимитот на спортската долговечност и во својата 38-ма година. Српскиот тенисер се пласираше во финалето на АТП 250 турнирот во Атина, совладувајќи го германскиот квалификант Јаник Ханфман со 6-3, 6-4.

Иако во мечот за првпат оваа недела го загуби својот сервис, Ѓоковиќ брзо ја врати контролата и го заврши натпреварот во само 79 минути, покажувајќи ја својата препознатлива ментална стабилност и техничка прецизност. Со оваа победа, останува непобеден во 2025 година секогаш кога го добива првиот сет – со импресивен биланс од 30 победи без ниту еден пораз.

„Благодарам што повторно го исполнивте овој неверојатен стадион. Ова ми е трет натпревар на централниот терен, но секојпат кога ќе излезам тука останувам без зборови. Играм во една од трите најубави арени во кои сум настапил,“ изјави Ѓоковиќ по мечот.

Со оваа победа, Новак обезбеди 144-то финале во својата кариера и трето оваа сезона. Во завршниот дуел во сабота ќе се соочи со Лоренцо Мусети или Себастијан Корда, во потрага по 101-вата титула на АТП турнирите.

Атинската публика уште еднаш го поздрави со овации, а самиот Ѓоковиќ порача дека атмосферата во салата му дала дополнителна енергија: „Атина ме инспирира. Секоја победа тука е посебна.“

Ако продолжи во истиот ритам, големиот шампион би можел да запише уште едно златно поглавје во својата историска кариера.

Зачлени се на нашиот е-билтен