Италијанската тениска репрезентација ќе мора да се соочи со голем предизвик на претстојната завршница од Дејвис купот, откако Јаник Синер, вториот тенисер на АТП-листата, одлучи да не настапи за националниот тим.
Местото на Синер во составот ќе го преземе Лоренцо Мусети, кој моментално се наоѓа на осмото место на светската ранг-листа и ќе ја предводи Италија во обидот да ја одбрани титулата од минатата година.
Отсуството на Синер се смета за голем удар за актуелните шампиони, особено затоа што главните конкуренти ќе настапат во најсилен состав. Карлос Алкараз, број еден на светот, ќе ја предводи Шпанија, додека Александар Зверев, трет на АТП-листата, ќе игра за Германија.
Завршниот турнир на Дејвис купот ќе се одржи од 18 до 23 ноември во Болоња, а ќе учествуваат осум репрезентации. Четвртфиналните двојки се следни:
- Франција – Белгија
- Италија – Австрија
- Шпанија – Чешка
- Аргентина – Германија
Италија ќе се обиде да го повтори успехот од минатата сезона, но без Синер задачата ќе биде значително потешка.