Lake Ohrid SUP Crossing 2025: нови рекорди и јубилејно издание на охридското езеро

Петтото, јубилејно издание на меѓународниот спортски настан „Lake Ohrid SUP Crossing“ оваа година собра 125 учесници од 19 земји, кои уште еднаш ја истакнаа уникатната убавина на Охридското Езеро како спортска и туристичка атракција.

Во долгата професионална трка на 23 километри, апсолутни победници беа грчките натпреварувачи. Кај мажите првото место го освои Никитас Цанакис со време од 2 часа и 26 минути, поставувајќи нов рекорд на оваа дистанца, додека кај жените победи Раула Пападимитриу со време од 3 часа и 8 минути.

Во категоријата со даски на дување најдобри резултати постигнаа Австриецот Руди Ван Хевен (3 часа и 7 минути) и Англичанката Ангела Кер, која со време од 3 часа и 14 минути не само што победи, туку и го сруши претходниот рекорд.

Организаторите изразија задоволство што сите учесници успешно ја завршија трката без откажувања, што дополнително ја потврди добрата организација и спортскиот дух на настанот.

Оваа година, по првпат, програмата се одвиваше во два дена и вклучи нова дисциплина – „Техничка трка“, која се одржа пред хотел „Бисер“ во манастирскиот комплекс Калишта. Елитните веслачи ја презентираа оваа динамична дисциплина пред публиката, со што фестивалот доби нова димензија.

„Lake Ohrid SUP Crossing“ продолжува да ја гради својата репутација како еден од најзначајните спортско-рекреативни настани во регионот, обединувајќи спорт, природа и меѓународна соработка.

Зачлени се на нашиот е-билтен