ФИБА Европа ја назначи Северна Македонија за домаќин на Европското првенство во „Б“ дивизијата за кошаркари до 16 години (У16). Шампионатот ќе се одржи од 5 до 16 август 2026 година, а меѓу учесниците ќе биде и македонската младинска репрезентација.
Европското првенство ќе донесе врвна младинска кошарка, но и голема можност за промоција на спортот, младите таленти и спортската инфраструктура во земјата.
Од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) изразија задоволство од одлуката на ФИБА Европа, нагласувајќи дека организацијата на ваков настан е резултат на долгогодишната работа и искуство во реализација на меѓународни спортски натпреварувања.
„Со големо задоволство и чувство на одговорност ја прифаќаме одлуката на ФИБА Европа. Ова е признание за нашето искуство и капацитетите што ги имаме во организацијата на меѓународни спортски настани“, соопштија од Кошаркарската федерација на Македонија.
Настапот на домашен терен се очекува да биде дополнителен мотив за младите македонски кошаркари, кои ќе имаат можност пред својата публика да се борат за висок пласман и напредок на европската сцена.
Следуваат дополнителни детали, вклучувајќи ги градот-домаќин, салите во кои ќе се играат натпреварите, како и распоредот на натпреварувањето. Европското првенство за кадети ќе биде еден од најзначајните спортски настани во 2026 година.