Лионел Меси откри дека тој и неговата сопруга Антонела Рокуцо постојано разговараат за можноста повторно да се вратат да живеат во Барселона, градот кој го сметаат за свој дом.
Во интервју за шпанскиот весник SPORT, осумкратниот освојувач на Златната топка призна дека, иако во моментов игра за Интер Мајами, идејата за враќање во Каталонија никогаш не исчезнала.
„Сопругата и јас, како и децата, постојано зборуваме за Барселона и за можноста да се вратиме. Имаме куќа таму, сè е подготвено, тоа е местото што го сакаме. Со нетрпение очекувам повторно да се вратам на новиот стадион, бидејќи откако заминав во Париз, не сум се вратил на Камп Ноу, а потоа клубот се пресели во Монжуик,“ изјави Меси.
Фудбалската ѕвезда се осврна и на своето заминување од Барселона во 2021 година, кога поради финансиските проблеми на клубот не можеше да потпише нов договор.
„Имав чудно чувство поради начинот на кој се случи сè. Последната година игравме без навивачи поради пандемијата, и не си заминав онака како што сонував. Сакав целата моја кариера во Европа да ја завршам во Барселона – тоа беше мојот план и мојата желба,“ рече Меси.
Аргентинецот, кој во Барселона помина повеќе од две децении, останува најуспешниот фудбалер во историјата на клубот, а неговото можно враќање предизвикува големо внимание кај навивачите во Каталонија.

