Сезоната 2025 ја донесе една од највозбудливите завршници во современата историја на Формула 1. Ландо Норис го подигна шампионскиот пехар по драматичната борба до последната трка во Абу Даби, но кога светлата на патеката се изгасија и бројките се пресметаа, стана јасно дека постои друга трка, побогата, потивка и многу подолготрајна. Во неа не победуваат најбрзите болиди, туку најскапите договори. А таму, на врвот, повторно стои Макс Ферштапен.

Иако Норис го освои својот прв наслов и со солзи во очите проговори за долгата, исцрпувачка сезона, финансиската круна некако повторно ја најде патеката до холандскиот ас. Според најновата листа на Forbes, Ферштапен ја заврши годината со неверојатни 76 милиони долари приходи, 65 милиони плата и 11 милиони бонуси. Ниту тесниот пораз во битката за титулата, ниту трката што му „избега“ за два бода не успеаја да го симнат од врвот на табелата на најплатени возачи.

Зад него, како сенка од некое друго време, стои Луис Хамилтон. Легендата на Мерцедес годинава ја започна својата „сонувана“ авантура во Ферари, која подоцна ја нарече „ноќна мора“. Сезона без подиум, прва во неговата 19-годишна кариера. И сепак, со рекордни 70 милиони долари плата и дополнителен бонус, Хамилтон останува финансиски гигант, дури и кога резултатите го напуштаат.

А Норис? Иако е кралот на патеката, во царството на бројките е само трет. Неговата заработка од 57,5 милиони долари огромна за секој друг возач изгледа помалку грандиозна во споредба со Ферштапен. Сепак, неговата приказна е онаа што инспирира: возач кој од „вечен втор“ прерасна во шампион, симнувајќи ги и Ферштапен и тимскиот колега Пјастри.

Пјастри, пак, го зазема четвртото место со 37,5 милиони долари. Младиот Австралиец не ја освои титулата, но стана симбол на стабилност, тука, постојано присутен, секогаш опасно близу до врвот.

Во редицата по нив, големите имиња се редат едно по друго: Шарл Леклер со 30 милиони, Фернандо Алонсо со 26,5, Џорџ Расел со 26 милиони. Секој од нив носи поинаква приказна, од Леклер, кој балансира меѓу спортот и личниот живот, до Алонсо, кој, и покрај 44 години, сè уште се надева на „висока нота“ пред последниот поздрав на патеката.

Листата станува уште поинтересна со влезот на двајца новајлии. Првиот е Ленс Строл човек кој заработува речиси исто колку што освојува поени. Вториот, Кими Антонели, е најмлад меѓу елитата: 19-годишен наследник на трката, момче што ја презеде историската улога на Хамилтон во Мерцедес и успеа да импресионира и покрај немилосрдниот притисок.

Но под површината на бројките се кријат две големи приказни. Првата: Формула 1 доживува економски бум невиден досега, тимовите вредат милијарди, парите се слеваат во шампионатот како никогаш порано. Втората: буџетското ограничување што ги стегна тимовите на технички план ги натера да инвестираат во најскапото нешто што не е ограничено луѓето.

Возачите, пак, иако милионери, не се секогаш господари на својата среќа. Нивните лични договори, спонзорства и реклами се строго контролирани. На патеката може да се тркаат на живот и смрт, но надвор од неа малку што можат самостојно да потпишат.
И така, додека сезоната 2025 влезе во историјата со нов шампион и нови драматични пресврти, финансиската трка ја раскажа својата паралелна приказна за доминацијата на талентот, влијанието на парите и вечната битка за престиж која никогаш не запира.

Макс Ферштапен можеби ја пропушти титулата за два бода. Но, со 323 милиони долари заработени за пет години, тешко дека ќе ја почувствува горчината на поразот.

Во Формула 1, како и во животот, има многу начини да се стигне до врвот. А некои врвови се бројат во милиони.