Пораз на младите македонски фудбалери од Црна Гора

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година вечерва претрпе пораз од 3:2 на гостувањето кај Црна Гора во дуел од квалификациите за Европското првенство 2027. Ова за нашиот национален тим е трет пораз на четирите натпревари.

Избраниците на селекторот Горан Станиќ имаа добар почеток и водство од 1:0 со голот на Анес Мелиќи во 13.минута. Тоа беше и резултат на крајот од првиот дел.

Во второто полувреме домашните фудбалери направија пресврт и поведоа со 3:1 за помалку од 20 минути. На 1:1 изедначи Владимир Перишиќ во 56.минута, а вториот гол за Црна Гора го постигна Медо Јуковиќ во 68.минута. На 3:1 зголеми Балша Мрваљевиќ во 73.минута. Голот за конечните 3:2 во 90+1 минута го постигна Димитар Трајков.

Нашата репрезентација следниот натпревар го игра на домашен терен против Шведска на 13.ноември.

По четирите одиграни кола во групата Е Полска и Италија се на првите две места со по 12 бода, Црна Гора е трета со 6, Македонија и Шведска имаат по 3, а Ерменија е последна без бод.

Зачлени се на нашиот е-билтен