Поранешниот тренер на ФК Шкупи, а актуелен стратег на Раднички Крагујевац, Младен Жижовиќ, почина на 44-годишна возраст за време на натпревар од српското првенство.
Трагедијата се случила за време на дуелот меѓу Младост Лучани и Раднички, кога на Жижовиќ му се слошило во првиот дел од натпреварот. Медицинскиот тим веднаш реагирал и го пренел во болница, но, и покрај сите напори, тренерот не успеал да преживее. Натпреварот бил веднаш прекинат.
Жижовиќ, кој доаѓа од Босна и Херцеговина, ја водеше екипата на Шкупи во сезоната 2023/24, а подоцна седна на клупата на Борац Бања Лука, со кој го оствари еден од најголемите успеси во историјата на клубот – пласман во Лигата на конференции.
Во текот на оваа година го напушти Борац и пред само неколку дена беше именуван за тренер на Раднички Крагујевац, каде ова му беше вториот натпревар на клупата.
Во својата кариера Жижовиќ беше тренер и на Слобода Тузла, Зрински Мостар и Радник Бијељина. Спортската јавност од регионот со жалење ја прими веста за неговата ненадејна смрт.
				
				
															