Репрезентацијата на Македонија денеска од 17:00 часот ќе го одигра својот трет историски дуел против селекцијата на Саудиска Арабија. Натпреварот ќе се одигра во чешката престолнина Прага и претставува важна контролна средба пред квалификацискиот меч со Лихтенштајн за неколку дена.
Претходните два меѓусебни дуели не донесоа многу причини за радост. Првиот, одигран на 1 август 2001 година во Ријад, заврши без победник – 1:1. Вториот се одигра на 22 октомври 2022 во Абу Даби, кога македонската селекција, предводена од актуелниот селектор Благоја Милевски, загуби со минимални 1:0.
Во тој натпревар настапија: Наумовски, Тошевски, Брдаровски, Бејтулаи, Велковски, Адем, Димоски, Хасани, Дориев, Максимов и Ибраими. Во второто полувреме влегоа и: Стојановски, Трапановски, Илиевски, Шабани, Николов, Алексовски, Мерџани и Младеновски.
Од тој состав, за денешниот дуел се очекува да настапат само тројца фудбалери – Велковски, Илиевски и Алексовски.
Натпреварот против Саудиска Арабија се смета за последна проверка пред квалификацискиот натпревар против Лихтенштајн кој ќе се одигра на 7 септември во Скопје, на Националната арена „Тодор Проевски“. Македонија моментално е лидер во својата квалификациска група, но бодовната предност е тесна, а дуелот со Лихтенштајн може да биде одлучувачки во борбата за пласман.