Венус Вилијамс се враќа во победнички води на 45 години

Легендарната американска тенисерка Венус Вилијамс, седумкратна освојувачка на Гренд слем титули, се врати на победничките патеки со триумф во осминафиналето во женски двојки на Отвореното првенство во Вашингтон – нејзин прв натпревар по пауза од 16 месеци.

45-годишната Вилијамс, поранешна светска тенисерка број еден, доби вајлд-карта за турнирот и се појави на терен за првпат од март 2024 година, кога настапи на Мајами Опен. Нејзината последна победа доаѓа од Синсинати Опен во август 2023 година.

Во партнерство со својата сонародничка, 23-годишната Хејли Баптист, Вилијамс ги совлада Ежени Бушар и Клерви Нгунуе со убедлив резултат 6-3, 6-1.

„Беше инспиративно да бидам повторно тука,“ изјави Вилијамс за Sky Sports. „Ја обожавам оваа игра и сè уште чувствувам дека можам да ја погодам топката со голем интензитет.“

Шега на сметка на сестра ѝ Серена

Ова беше прв настап на Венус во женски двојки по пауза од три години, а по натпреварот, таа се пошегува:

„Од првиот момент видов дека ќе бидеме добар тим. Требаше да почнеме да играме заедно одамна, нели? Мислам дека Серена беше само пречка,“ рече таа низ насмевка, алудирајќи на нејзината сестра Серена Вилијамс, 23-кратна освојувачка на Гренд слем титули.

Инаку, Венус и Серена имаат освоено вкупно 14 Гренд слем титули во женски двојки, доминирајќи на тениската сцена повеќе од една деценија.

Во поединечна конкуренција, Венус ќе се соочи со Пејтон Стернс, уште една Американка, во првото коло, закажано за вторник.

Радучану и Рибакина во драматична победа

На другиот дел од турнирот, британската тенисерка Ема Радучану и казахстанката Елена Рибакина забележаа драматична победа против четвртите носителки Тереза Михаликова и Оливија Николс, со резултат 2-6, 7-6 (7-4), 11-9.

Двојката загуби пет последователни гема во првиот сет и беше трипати брејкирана, но успеа да се консолидира и го освои вториот сет во тај-брејк.

Во финалниот тај-брејк, Радучану и Рибакина имаа водство од 9-5, но пропуштија четири меч-топки. Сепак, успеаја да ги освојат следните два поена и да ја обезбедат победата во своето деби како пар.

Зачлени се на нашиот е-билтен