13 загинати во иранските напади, Израел предупредува на нови удари

Тел Авив – Тринаесет лица, меѓу кои и три деца, загинаа во иранските напади врз Израел извршени во петокот, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Дополнително, девет лица се во тешка здравствена состојба, 30 се умерено повредени, а уште 341 имаат полесни повреди.

Објавата доаѓа по уште една ноќ исполнета со сирени низ Израел, поради нови бранови ирански балистички ракети и беспилотни летала, испукани како одговор на големиот израелски напад што започна во петокот.

Израелската војска изминатите денови систематски напаѓа стотици ирански воени и нуклеарни цели, со, како што велат, цел да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје. Иран возврати со масовен напад, што резултираше со цивилни жртви и тешка штета во повеќе населени места во Израел.

Во најновиот развој, израелската армија преку социјалната мрежа X (поранешен Twitter) упати јавен повик до иранските граѓани да се евакуираат од сите области што се наоѓаат во близина на воени објекти. Пораката, објавена на арапски и фарси јазик, предупредува дека „нивните животи се во опасност“.

Израелски официјални лица најавуваат дека воените операции ќе продолжат сè додека, како што велат, „не се елиминира и последната закана од иранскиот нуклеарен и ракетен арсенал“. Тензиите остануваат на исклучително високо ниво, а меѓународната заедница апелира за итна деескалација.

Зачлени се на нашиот е-билтен