Најмалку 17 автомобили на Тесла се уништени во пожар што избувна во салон на периферијата на Рим во понеделникот наутро, соопштија италијанските противпожарни служби. Во моментот на избувнувањето на пожарот во салонот немало никој и нема пријавени повредени лица.
Противпожарната служба на Рим соопшти дека ги истражува „сите можни причини“ за пожарот, но не ја исклучи можноста за подметнување. Локалната полиција изјави дека офицерите ги испрашале сопствениците на салонот и го прегледуваат видео надзорот.
Овој пожар доаѓа по серија извештаи низ Италија во последните недели за вандализирање на возила на Тесла, на кои со спреј биле испишани пораки против Илон Маск и Доналд Трамп.
Пред една недела, друг автомобилски салон во северниот дел на Рим изгоре во пожар, уништувајќи 30 возила, меѓу кои и користени Тесли. Првично, тој пожар беше припишан на електричен дефект, но истрагата сè уште трае.
Исто така, во Рим, неколку Тесли во населбата Гарбатела, каде што пораснала италијанската премиерка Џорџа Мелони, биле оштетени, според полицијата и објавите на социјалните мрежи. Мелони и Маск се самопрогласени блиски пријатели, но италијанската лидерка сè уште нема коментирано за вандализмот. Автосалони на Тесла во Милано исто така биле мета на напади од еколошки групи во последните недели.
Извештаи за вандализирање на Тесли пристигнуваат и од Франција, како и од различни делови на САД, вклучувајќи го Пацифичкиот Северозапад и Североистокот.
Во САД се одржуваат мирни протести пред неколку салони на Тесла, каде што демонстрантите извикуваат „Илон Маск мора да си замине“ како реакција на кратењето на федералните работни места од страна на Одделот за владина ефикасност, предводен од Маск.
Преземено од Мета.мк