„7 Октомври — Денот кога Иран ја отвори војната против Израел“, предупредува Са’ар

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Са’ар изјави дека „воената кампања на Иран против Израел“ започнала со нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.

„Веќе на 8 октомври, ден по масакрот, напишав: ‛Вчера беше првиот ден од војната на Иран против Израел‛,“ објави Са’ар на Фејсбук, посочувајќи дека израелскиот одговор бил наменет да „го отстрани егзистенцијалниот ризик“ за државата.

Са’ар нагласи дека во вакви ситуации одговорните мора да ги мерат не само трошоците и бенефитите од воената акција, туку и цената на неакција: „Во овој случај, тоа би значело да се изложи Израел на опасност од истребување.“

Контекст

Иран, долгогодишен поддржувач на Хамас, негира било каква вмешаност во нападите од 7 октомври. Неколку дена по инцидентот, тогашниот советник за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, изјави дека администрацијата на Бајден нема директни докази дека Техеран учествувал во планирањето или извршувањето на нападот. Различни разузнавачки и воени извори, како и членови на американскиот Конгрес со пристап до класифицирани податоци, потврдија дека досега не е пронајден доказ за директна вмешаност на Иран.

Дипломатска офанзива

Израелскиот шеф на дипломатијата додаде дека во изминатите денови разговарал со своите колеги од Индија, Германија, Франција, Италија, Унгарија, Парагвај, Панама, Кипар, како и со претставници на Европската унија.

„Веќе имаме значајни постигнувања во храбрoта и импресивна операција на израелските одбранбени сили на иранска територија. Овие успеси мора да се продлабочат,“ нагласи Са’ар.

Според израелските власти, целта на оперативните активности е да се ограничат иранските нуклеарни и ракетни капацитети и да се спречи понатамошна ескалација на заканите кон Израел.

Зачлени се на нашиот е-билтен