Агресивен вид мравки се шири сè подалеку на север во Германија и се заканува да ја уништи кабелната мрежа за електрична енергија и интернет-врските.
Мравките од инвазивниот вид Tapinoma magnum, кој потекнува од медитеранскиот регион, се шират на север до Келн и Хановер, изјави експертот за мравки Манфред Верхаг од Природонаучниот музеј во Карлсруе.
„Супер колониите имаат од стотици илјади до милиони поединци“, предупреди тој – многу поголеми од колониите на другите видови мравки.
Инвазијата на видовите мравки и нивното градење колонии ги загрозува зградите и техничката инфраструктура во Баден-Виртемберг и другите региони во Германија, велат научниците.
Во градот Кел, на пример, веќе има прекини на струја и интернет предизвикани од мравките.
Мравката е забележана и во други делови на Европа, како Франција и Швајцарија.
Германските научници и власти сега за прв пат работат заедно во проект за спречување на напредокот на инсектите.
Тапинома магнум сè уште не е официјално категоризиран како инвазивен, бидејќи во моментов не претставува доволно голем ризик за локалните екосистеми.
Државниот секретар за животна средина на Баден-Виртемберг, Андре Бауман, сепак рече дека го смета Тапинома магнум за „штетник“, дури и ако не е законски означен како таков.