Air Canada во саботата наутро ги суспендираше сите операции, откако повеќе од 10.000 стјуардеси стапија во штрајк по истекот на рокот за постигнување договор, оставајќи илјадници патници ширум светот заглавени во екот на летната туристичка сезона.
Портпаролот на Канадскиот синдикат на јавни службеници, Хју Пулио, потврди дека штрајкот започнал нешто по полноќ, откако преговорите не донесоа резултат. Набргу потоа, авиокомпанијата најави целосен прекин на летовите.
Штрајкот е резултат на повеќемесечни преговори околу платите и условите за работа. Air Canada понуди зголемување на вкупната компензација од 38% во период од четири години, што, според компанијата, би ги направило нивните стјуардеси најплатени во Канада. Но синдикатот ја одби понудата, оценувајќи дека првото годишно покачување од 8% не е доволно во услови на инфлација.
Суспензијата на летовите ќе погоди околу 130.000 патници дневно, а најмалку 25.000 Канаѓани би можеле да останат заглавени во странство. Компанијата најави дека ќе овозможи рефундации и алтернативни рути преку други авиокомпании, но предупреди дека поради летниот шпиц, капацитетите се веќе ограничени.
„Неприфатливо е што е постигнат толку мал напредок. Канаѓаните очекуваат и двете страни да го вложат максимумот,“ изјави министерката за труд Пети Хајду, која во петокот се сретна со претставници на компанијата и синдикатот.
Air Canada соопшти дека, дури и по евентуален договор, ќе бидат потребни и до една недела за целосно рестартирање на операциите.