Австралискиот премиер и лидер на Лабуристичката партија, Ентони Албанезе, денеска ја прогласи победата на парламентарните избори, по кампања во која неговата партија од аутсајдер стана фаворит.
„Им се заблагодарувам на народот на Австралија што ми дадоа можност да продолжам да ѝ служам на најубавата земја во светот“, изјави Албанезе пред своите поддржувачи во Сиднеј.
Победата на лабуристите доаѓа по драматичен пресврт во јавноста, откако првите потези на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи воведување на царини за повеќе земји, предизвикаа загриженост кај австралиските гласачи. Конзервативната опозиција, која беше во водство до пред неколку месеци, беше перципирана како премногу блиска со Трамп и цената за тоа ја плати на изборите.
Во февруари, десниот центар сè уште водеше во анкетите, додека владата на Албанезе се соочуваше со критики за растечките трошоци за живот – прашање кое беше централно во изборната кампања. Но, стравувањата од економските последици на новата американска политика ги пренасочија гласовите кон лабуристите.
Албанезе ја врши функцијата премиер од 2022 година, кога го замени Скот Морисон и коалицијата предводена од Либералната партија.