Албанија, до неодамна скриениот бисер на Европа, се соочува со експлозивен раст на туризмот што може сериозно да ја загрози одржливоста на локалните заедници и животната средина.
Од 2015 година, бројот на туристи во земјата речиси тројно се зголемил – од 3 милиони тогаш на дури 10 милиони во 2023 година, што претставува зголемување од 56% во споредба со нивоата пред пандемијата. Албанската влада очекува овој број да порасне на 30 милиони годишно до 2030 година, што би ја направило земјата да прима повеќе туристи отколку што моментално имаат Португалија или Хрватска, пишува британски Express.
Овој брз пораст на туризмот доведе до сериозна загриженост. Уесли Дидани од веб-порталот Saranda Web предупредува дека некои туристички проекти никнуваат без соодветен урбанистички план, што предизвикува уништување на природната средина, особено во крајбрежните области. На пример, во Саранда се регистрирани случаи на директно фрлање градежен отпад во морето.
Притисокот се чувствува и на пазарот на недвижности: локалното население сè повеќе има потешкотии да најде прифатливо домување, бидејќи странските инвестиции и побарувачката од странски туристи ги зголемија цените. Ситуацијата потсетува на она што се случува на популарните дестинации како што е Мајорка.
Албанија сè повеќе се позиционира како привлечна туристичка дестинација. Нејзините песочни плажи, природните убавини како што се Синото око, жичарницата Дајти Експрес и археолошкиот парк Бутринт привлекуваат сè поголем број патници, вклучувајќи познати инфлуенсери на социјалните медиуми.
Меѓу инвеститорите се Џаред Кушнер и Иванка Трамп, кои добија зелено светло за изградба на луксузен хотел вреден 1,4 милијарди долари на островот Сазан.
Според Светскиот туристички совет, Албанија во моментов е третиот најбрзо растечки туристички пазар во светот, веднаш зад Катар и Порторико.