Амазон во војна со САД

Компанијата Amazon се најде на удар од Белата куќа откако најави дека ќе ги прикаже ефектите од американските царини врз крајната цена на своите производи. Портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит, жестоко ја критикуваше компанијата, нарекувајќи го потегот „непријателски и политички чин“, пренесе Ројтерс.

„Зошто Amazon не го направи ова кога администрацијата на Бајден ја доведе инфлацијата до највисоко ниво во последните 40 години?“, праша Ливит на прес-конференција. Таа го пренесе ставот на претседателот Доналд Трамп, кој смета дека објавувањето на овие податоци е напад врз неговата политика.

Ливит ја искористи приликата да потсети на претходни извештаи за наводни блиски врски на Amazon со Кина, особено оној од 2021 година објавен од Ројтерс. „Ова е уште една причина зошто Американците треба да купуваат домашни производи“, изјави таа, нагласувајќи ја намерата на администрацијата да ги зајакне критичните синџири на снабдување и да ја врати производството во САД.

Пазарот реагира – акциите на Amazon паѓаат

Инвеститорите реагираа веднаш. Акциите на Amazon паднаа за 2,2 проценти пред отворањето на берзите, а компанијата најави дека ќе го објави финансискиот извештај за првиот квартал на 1 мај во 23:00 часот.

Во меѓувреме, бројни продавачи на Amazon започнаа со значително зголемување на цените – просечно за 30%. Причината: новите царини што ги воведе администрацијата на Трамп, особено за производи увезени од Кина. Според податоци од платформата SmartScout, следени се 930 артикли со просечно зголемување на цената од 29% од 9 април наваму. Од торби за пелени до магнети за фрижидер – ценовниот удар е општ.

Amazon изјави дека ќе се обиде да ги стабилизира цените, но не е јасно дали компанијата има доволно механизми да им помогне на продавачите кои трпат директни последици од царинската политика на САД. Прашањето останува отворено: дали Amazon е само колатерална штета, или нов симбол на корпоративен отпор во ерата на агресивен економски национализам?

Зачлени се на нашиот е-билтен