Америка ја укинува монетата од еден цент – граѓаните ќе ја почувствуваат промената

Соединетите Американски Држави од почетокот на следната година ќе ја престанат продукцијата на монетата од еден цент, попозната како „пени“, поради финансиски загуби во процесот на нејзино производство. Иако номиналната вредност на оваа монета е симболична, нејзиното укинување може да има реална цена за граѓаните – околу 6 милиони долари годишно.

Според нова студија на филијалата на Федералните резерви во Ричмонд, постепеното отстранување на монетата ќе резултира со заокружување на готовинските трансакции на најблиската монета од пет центи. Тоа ќе предизвика т.н. „данок на заокружување“, при што потрошувачите ќе плаќаат малку повеќе при секоја трансакција.

Истражувањето е засновано на податоци од Дневникот за избор на плаќање на потрошувачите (DCPC), спроведен меѓу 29 септември и 2 ноември 2023 година, на национално репрезентативен примерок. Економистите пресметале дека елиминирањето на пенито ќе ги чини потрошувачите околу 6,06 милиони долари годишно.

Причината за укинувањето е финансиската неисплатливост. Само во 2023 година, Министерството за финансии на САД пријави загуба од 85,3 милиони долари при ковањето на овие монети, бидејќи чинеа дури 3,69 центи по монета – повеќе од тројно над нивната вредност.

Истото истражување ги разгледало и последиците од евентуално укинување на монетата од пет центи. Тоа сценарио, според проценките, би довело до значително поголем финансиски удар врз потрошувачите – дури 56 милиони долари годишно.

Иако симболично мала, монетата од еден цент имала значајна улога во секојдневната економија. Но, сега, предвидените заштеди за државата ги надминуваат трошоците, и Америка се подготвува за ера без најмалата монета.

Зачлени се на нашиот е-билтен