Директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард рече дека повеќе од 100 вработени од целата разузнавачка заедница биле отпуштени поради користење на безбеден владин чет, што обично се користи за споделување чувствителни информации, за учество во сексуално експлицитни разговори.
Во интервју за Фокс њуз во вторникот вечерта, Габард ја опиша нивната употреба на алатката на Администрацијата за национална безбедност како „огромно кршење на довербата“ што се коси со „основните правила и стандарди околу професионализмот“.
„Денеска издадов директива дека сите ќе бидат отпуштени и нивните безбедносни сертификати ќе бидат укинати“, рече Габард.
Конзервативниот активист Крис Руфо, кој пишува за Сити Журнал, прво ја обелодени веста во вторникот.
Портпаролот на Канцеларијата на директорката за националното разузнавање во вторникот на X рече дека Габард испратила меморандум во кој ги упатува сите разузнавачки агенции да ги идентификуваат вработените кои учествувале во „непристојните, порнографски и сексуално експлицитни соби за разговор“ до петок.
Во нејзините интервјуа за Фокс њуз, Габард рече дека администрацијата ќе продолжи да ја „чисти куќата“.
Канцеларијата во последниве недели, исто така, почна да ги отпушта вработените кои водеа иницијативи за различности во администрацијата на Бајден. Не е јасно на колку луѓе низ разузнавачката заедница им било кажано дека ќе бидат отпуштени.