Американски суд ги блокираше царините на Трамп, Белата куќа ја обжали одлуката

Фото: Белата куќа (официјална фотографија од Даниел Торок), јавен домејн, Викимедија комонс

Федералниот Суд за меѓународна трговија во САД донесе одлука со која ги блокира сеопфатните царини воведени од претседателот Доналд Трамп, нанесувајќи сериозен удар на еден од клучните елементи во неговата економска политика. Судот со седиште во Менхетен, Њујорк оцени дека законот за вонредни состојби на кој се повикува Белата куќа не му дава овластување на претседателот да наметне царини на речиси сите земји, јавува Би-Би-Си.

Судиите нагласија дека Уставот на САД му дава ексклузивна надлежност на Конгресот да ја регулира меѓународната трговија, што не може да биде поништено со извршни одредби. Белата куќа веднаш поднесе жалба на одлуката, а судот даде рок од 10 дена да се спроведе административната постапка за запирање на тарифите, иако поголемиот дел од нив во моментов се суспендирани.

Одлуката исто така ги блокира и царините воведени на Кина, Мексико и Канада по враќањето на Трамп во Белата куќа, кои беа образложени како реакција на приливот на дрога и нелегални имигранти. Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, ја осуди одлуката изјавувајќи дека „неизбрани судии не треба да одлучуваат како да се одговори на национална вонредна состојба“.

Тужбата беше поднесена од невладината организација Либерти џастис центер во име на пет мали бизниси кои увезуваат производи од земји погодени од тарифите. Главниот обвинител на државата Њујорк, Летишија Џејмс, ја поздрави одлуката, нагласувајќи дека „ниту еден претседател нема право еднострано да наметнува нови давачки кога и да посака“.

Судот не се изјасни за тарифите на автомобили, челик и алуминиум, кои се воведени врз основа на друг закон. Сепак, тројца судии пресудија дека Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни случаи (IEEPA) од 1977 година не му дава на претседателот право да воведува глобални царини од таков обем.

Веста предизвика раст на берзите: индексот Nikkei 225 во Јапонија порасна за 1,5 отсто, додека индексот на берзата во Шангај се зголеми за 0,7 отсто. Американските берзански фјучерси исто така скокнаа, а доларот зајакна во однос на јенот и швајцарскиот франк.

Според поранешниот висок претставник на Царинската служба на САД, Џон Ленард, практичните импликации сè уште се нејасни. Ако Белата куќа ја изгуби жалбата, Царинската служба ќе треба да издаде упатства за укинување на царините, а фирмите кои ги платиле ќе добијат поврат на средствата со камата.

Трговската политика на Трамп започна на 2 април, кога беа најавени глобални царини, вклучувајќи 10 отсто за повеќето земји и дури 145 отсто на производи од Кина. По силните реакции од глобалните пазари и странските влади, некои мерки беа суспендирани или преразгледани.

Иако САД и Кина постигнаа привремен договор за намалување на церините, Трамп неодамна најави можност за 50 отсто царина на сите производи од Европската Унија. Сепак, неделава објави дека преговорите со ЕУ ќе продолжат уште најмалку еден месец и ги паузираше и тие царини.

Зачлени се на нашиот е-билтен