Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, изјави дека САД внимателно ја следат ситуацијата во Србија и во Република Српска, со цел да не се дозволи развој на настани кои би можеле да доведат до регионален конфликт, пренесува Радио Слободна Европа.
„Многу внимателно ги следиме случувањата во Република Српска и Србија. Во моментов сме фокусирани на тоа да осигуриме ситуацијата да не прерасне во потенцијален регионален конфликт“, рече Витакер на еден од панелите на Стратешкиот форум во Блед.
Тој нагласи дека САД „посакуваат стабилност на Западен Балкан“, што е важно и за европските партнери во НАТО, кои „имаат обврска да дејствуваат заедно во кризни ситуации“.
Ситуацијата во Србија ја потресуваат антивладини протести, при што повремено избувнува насилство, додека претседателот Александар Вучиќ тврди дека странски фактори се обидуваат да поттикнат револуција. Во Република Српска, поранешниот претседател Милорад Додик ја оспорува одлуката на судот на БиХ со која му е одземен претседателскиот мандат и повеќепати заканува дека ќе го одвои ентитетот од остатокот на БиХ.
На прашањето дали НАТО би интервенирал во случај на ескалација на политичката криза во вооружен конфликт, Витакер рече дека НАТО дејствува единствено, но дека моментално „ситуацијата е далеку од тоа“.
„Правило број еден во политиката е да не се реагира врз основа на претпоставки. Треба да видиме како ќе се развиваат настаните“, додаде тој.
Американскиот амбасадор истакна дека НАТО е „посилен од кога било“ и дека тоа треба да биде сигнал за потенцијалните противници.
Витакер исто така истакна дека евентуални средби на претседателот на САД Доналд Трамп со Вучиќ или Додик би се разгледувале само ако имаат јасни придобивки за мирот и стабилноста во регионот.
„Таквите средби не би биле за зајакнување на политичкиот статус на било кој лидер, туку само за промовирање на пошироки интереси на мирот и стабилноста“, заклучи Витакер.