Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет потврди пред Конгресот дека Пентагон разработил оперативни планови за евентуална инвазија и насилно преземање на Гренланд и Панама, доколку се процени дека е неопходно. Информацијата ја изнесе CTV News, а сведочењето предизвика бурни реакции меѓу пратениците од двата табора.
Во текот на денешното сослушување пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, Хегсет повеќепати одби да одговори дали користел апликацијата Signal за размена на осетливи детали поврзани со воени операции. На прашањето на демократскиот пратеник Адам Смит дали постојат конкретни планови за силно преземање на Гренланд или Панама, Хегсет одговори:
„Работата на Министерството за одбрана е да има планови за секое можно сценарио“, рече тој, повторувајќи ја истата формулација неколкупати.
Иако е вообичаено Пентагон да подготвува планови за потенцијални конфликти кои сè уште не се случиле, начинот на кој министерот одговараше ги натера и некои републиканци да побараат појаснување. Пратеникот од Охајо, Мајк Тарнер, реагираше:
„Вашето сведочење не значи, се надевам, дека Пентагон сериозно планира инвазија на Гренланд“, подвлече Тарнер.
Хегсет на тоа возврати дека САД „се радуваат на соработката со Гренланд за да се обезбеди неговата заштита од какви било потенцијални закани“.
Бурната седница само ги продлабочи поделбите меѓу демократите и републиканците во врска со транспарентноста на Пентагон и употребата на безбедносни комуникациски канали од страна на највисоките воени функционери. И покрај инсистирањето на повеќе пратеници за едноставен одговор со „да“ или „не“, министерот остана на ставот дека „разновидните планови за итни ситуации“ се составен дел од мандатот на Министерството за одбрана.