Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Американските автомобилски работници се подготвуваат за генерален штрајк

Синдикатот Обединети автомобилски работници, што ги претставува правата на вработените во Форд, Џенерал моторс и Стелантис (поранешен Крајслер) се подготвува за „досега невиден“ шрајк откако преговорите за нов трудов договор со овие големи американски производители на коли продолжуваат без изглед за успех, јавуваат дел од медиумите во САД.

Доколку не се постигне напредок и денеска, штрајкот најверојатно ќе започне утре во неколку одбрани фабрики бидејќи општиот договор со работниците истекува во четврток на полноќ.

Шон Фејн, претседател на синдикатот, за време на видеоповик синоќа им кажа на членовите дека трите компании се приближиле до нивните барања за повисоки плати и за други приоритети, но изрази сомнеж дека може да се постигне договор до четврток на полноќ.

-Се подготвуваме да ги штрајкуваме овие компании на начин како што тие никогаш досега не виделе, изјави Фејн. Рече дека на видео повикот закажан вечер ќе биде кажано кои фабрики нема да работат од утре.

Штрајк претходно имаше во 2019 година, што Џенерал моторс го чинеше 4 милијарди долари.

Синдикатот бара 40 отсто покачување на платите на своите приближно 150.000 членови, додека секоја од компаниите се согласиле за покачување од 17,5 до 20 отсто. Едно од барањата е и скратување на работното време од 40 на 35 часови неделно.

Трите големи традиционални производители на коли се значајни за подемот на американската економија, и за имиџот на Америка како земја на слобода и индивидуален превоз.

Работничкото незадоволство произлегува од претераното зголемување на платите на директорите во изминатите три децении, наспроти ништожно зголемените работнички плати.

Мери Бара, извршен директор на ЏМ, прима 362 пати повисока плата од онаа на просечниот работник. Нејзината плата во 2022 година изнесувала 29 милиони долари, додека просечниот работник во ЏМ лани заработил 80.034 долари.

Слични соодноси на заработувачката на извршните директори и работниците има и во Форд и Стелантис.

Платите на извршните директори на автомобилските џинови не биле секогаш толку високи. Во 1960-те години тие обично заработувале 20 пати повеќе од работниците во халите.

Компензациите за менаџментот пораснале во 1980-те и 1980-те години кога голем дел од нивната плата се поврзал со подемот на берзите. Со растот на берзанските акции на овие компании за стотици проценти растеле и платите на директорите, додека оние на работниците се коригирале со годишната инфлација, односно растот бил незначителен.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново