Американските специјалци „Фоки“ (SEAL) убиле неколку севернокорејски цивили за време на неуспешна мисија во 2019 година за поставување уред за прислушување во Северна Кореја, земјата со нуклеарно оружје, наводно одобрена од американскиот претседател Доналд Трамп, објави водечки американски новински медиум.
Ова го објави „Њујорк тајмс“ во петокот од извори кои сведочат дека доверливата мисија ја извршил Тимот 6 на американската морнарица „СЕАЛ“ за време на дипломатските преговори со висок ризик меѓу Вашингтон и Пјонгјанг на почетокот на 2019 година.
Елитната единица на специјалните сили – истата онаа што го уби поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, во 2011 година – имала задача тајно да излезе на брегот во Северна Кореја и да постави уред за прислушување за да го шпионира раководството на земјата.
Но, работејќи во „мртва“ ноќ со прекинати комуникации, низа грешки довеле до тоа цивилите – неколку Севернокорејци кои наводно нуркале по школки – да наидат на американските специјални сили кога тие испливале на брегот.
„Фоките“ отвориле оган, убивајќи ги сите што биле на мал рибарски брод, се вели во извештајот на „Њујорк Тајмс“, без да се прецизира бројот на жртви.
Службеници запознаени со мисијата изјавиле за „Њујорк Тајмс“ дека американските војници „ги спуштиле телата во водата за да ги сокријат од севернокорејските власти“. Еден извор опишал како членовите на „Фоките“ „ги прободеле белите дробови на екипажот на бродот со ножеви за да бидат сигурни дека нивните тела ќе потонат“.
„Њујорк Тајмс“ наведува дека до овие сознанија за неуспешната мисија дошле преку интервјуа со десетици луѓе, „вклучувајќи цивилни владини претставници, членови на првата администрација на Трамп и сегашен и поранешен воен персонал кој знае за мисијата“.
Сите зборувале под услов на анонимност поради класифицираниот статус на мисијата, се вели во весникот. Додадено е дека неколку лица рекле дека нивната одлука да дадат детали била од загриженост дека неуспесите во специјалните операции на американската војска „честопати се скриени од владина тајна“.
Изворите велат дека претседателот Трамп, за време на неговиот прв мандат, ѝ дал на мисијата конечно зелено светло.
Трамп негираше какво било знаење за операциите кога беше прашан од новинарите за извештајот во петокот.
„Можев да погледнам, но не знам ништо за тоа“, рекиол Трамп. „Сега го слушам ова за прв пат“, рече тој.
Американските претставници рекоа дека е „нејасно“ дали Пјонгјанг некогаш сфатил она што се случило во 2019 година.
Северна Кореја не даде никакви јавни изјави за смртта на цивилите во тоа време и сè уште не коментирала за приказната објавена од „Њујорк Тајмс“.