Анкета: Повеќето Руси очекуваат крај на војната во 2026 година

Повеќето граѓани на Русија очекуваат војната во Украина да заврши во текот на 2026 година, покажува анкета објавена од државната агенција за истражување на јавното мислење ВЦИОМ, пренесува Ројтерс.

Според резултатите, 70 проценти од 1.600 анкетирани сметаат дека 2026 година ќе биде „поуспешна“ за Русија во однос на 2025, додека 55 проценти од испитаниците тој оптимизам директно го поврзуваат со можниот крај на, како што Москва ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина.

Заменик-директорот на ВЦИОМ, Михаил Мамонов, изјави дека главната причина за оптимизмот кај граѓаните е очекувањето за завршување на конфликтот и остварување на целите дефинирани како национални интереси од страна на претседателот Владимир Путин. Во претходните годишни анкети, ВЦИОМ најчесто го нагласуваше единството на руското општество околу претседателот и воените цели, без да објавува конкретни проценки за можен крај на војната.

Иако војната, која започна во февруари 2022 година, влегува во својата петта година, реалното ниво на замор кај руската јавност тешко може да се процени поради строгата државна контрола и ограничувањето на јавното изразување спротивни ставови.

Мамонов како фактори кои ги поттикнуваат очекувањата за мировен договор ги наведе актуелната офанзива на руската армија, колебањето на САД во однос на финансирањето на Украина, како и, според неговите оценки, неможноста на Европската унија целосно да ја надомести американската финансиска и воена поддршка.

Тој додаде дека, по завршувањето на конфликтот, приоритети би биле реинтеграцијата на ветераните, како и обновата на украинските региони под руска контрола и пограничните области на Русија. Во исто време, според независната агенција „Левада“, која руските власти ја прогласија за „странски агент“, околу две третини од Русите поддржуваат мировни преговори, највисоко ниво од почетокот на инвазијата.

Во меѓувреме, од Кремљ беше потврдено дека претседателот Путин е информиран за контактите меѓу руски претставници и пратеници на Доналд Трамп, поврзани со американски предлози за мировен договор, по што Москва ќе го формулира својот официјален став.

Путин неодамна повтори дека условите за мир вклучуваат предавање на преостанатите територии во Донбас под контрола на Киев и официјално откажување на Украина од членство во НАТО. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговорите со САД и европските земји за ставање крај на војната се „многу блиску до конкретен резултат“.

Зачлени се на нашиот е-билтен