Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Аплауз, но не и еуфорија во штабот на ЦДУ по победата на изборите во Германија

Излезните анкети покажуваат дека конзервативците предводени од Фридрих Мерц се победници на денешните предвремени избори во Германија, но тоа не се чувствува помеѓу нивните поддржувачи.

Според излезните анкети, ЦДУ/ЦСУ ќе освојат 29 отсто од гласовите, на изборите со рекордна излезеност од обединувањето на земјата во 1990. На изборите излегоа 83 отсто од Германците.

Сепак, медиумите пишуваат дека атмосферата во штабот на ЦДУ не е победничка.

„Кратко славење и аплаус, но никој не е воодушевен“ пишува Дојче Веле, објаснувајќи дека поддржувачите на ЦДУ се надевале дека ќе го поминат „психолошкиот праг“ од 30 отсто.

Ваквата победа на ЦДУ значи дека ќе мора да прават коалиција за формирање на новата влада, а како што пишува Дојче Веле можна е „голема коалиција“ од двете центристички партии, ЦДУ и СПД на досегашниот канцелар Олаф Шолц, што ќе значи дека преговорите за влада ќе бидат полесни.

Најголем победник на денешните избори е крајнодесничарската АфД, која речиси го дуплираше својот резултат од претходните избори со освоени 20 отсто од гласовите.

Како ќе изгледа идната влада ќе зависи од резултатот неолибералната ФДП. Ако го поминат прагот од 5 отсто потребен за влез во Бундестагот, распределбата на местата најверојатно ќе им оневозможи на двете центристички сили, СПД и блокот ЦДУ/ЦСУ, да формираат владејачка коалиција. Тоа би значело дека на идната влада повторно ќе ѝ требаат три партии за да опстане. Но, ако ФДП не успее, „Големата коалиција“ на ЦДУ/ЦСУ и СПД би била најстабилната од сите можни коалиции.

Зачлени се на нашиот е-билтен