Осаменоста стана глобален феномен, а технологијата која со децении нè оддалечуваше, сега се обидува да нè поврзе на неочекуван начин – преку апликации за пронаоѓање пријатели.
Работата од дома и желбата на младите да градат социјални мрежи преку заеднички интереси го поттикнаа растот на апликации што го олеснуваат создавањето пријателства, додека запознавањата за љубов (дејтинг) се ставени во втор план, пренесува TechCrunch.
Според податоците на Appfigures, повеќе од десет апликации насочени кон локални заедници генерирале околу 16 милиони долари приходи во САД во 2025 година, со 4,3 милиони преземања.
Меѓу најпопуларните е апликацијата 222 – платформа за друштвени настани достапна само за iOS, која организира средби во живо преку поврзување групи на непознати луѓе врз основа на тестови на личност.
Апликацијата испраќа покани за настани во близина, како вински барови и комеди клубови, по што следи процес на селекција, а избраните учесници се известуваат на денот на настанот.
Покрај тоа, познатата апликација за запознавање Bumble во 2023 година ја издвојува секцијата BFF, фокусирана на групни средби и проширување на кругот на пријатели.
Апликацијата Timeleft нуди концепт на вечера со петмина непознати – алгоритмот ве поврзува со уште четворица врз основа на карактерот, а единствените информации што ги знаете однапред се нивната професија и хороскопски знак. Средбата започнува со игра со прашања, а завршува со заедничко излегување во бар.
Платформата Meetup, која постои од 2002 година, им помага на милиони корисници да откриваат локални настани и да се поврзуваат со луѓе со слични интереси. Корисниците можат да се приклучуваат на групи, да учествуваат во настани или да креираат сопствени активности.
Европската апликација Meet5 неодамна е лансирана и во САД, а е наменета за лица постари од 40 години кои сакаат да запознаат нови луѓе и да учествуваат во активности како излети, концерти и планинарење. Се проценува дека околу 777.000 луѓе веќе ја презеле преку App Store и Google Play.
На сличен принцип функционира и апликацијата Wyzr Friends, достапна во САД, Канада, Австралија и други пазари.
Во фокусот е и апликацијата Les Amis, наменета за жени, трансродови и LGBTQ+ заедницата, која користи вештачка интелигенција за поврзување корисници со слични интереси и ги поттикнува да учествуваат во локални настани како работилници, книжевни клубови и дегустации на вино.
Совпаѓањата се прават секој понеделник, што им овозможува на корисниците да комуницираат и да планираат средби подоцна во неделата.
Апликацијата е достапна за iOS и Android и функционира во повеќе европски градови, меѓу кои Амстердам, Барселона, Берлин, Мадрид, Париз и Стокхолм. Работи со модел на претплата, при што цената варира – околу 70 долари во Њујорк и 55 евра во Амстердам.