Полицијата во Хонгконг уапси 15 лица под сомнение за убиство од небрежност во кривичната истрага за пожарот во станбениот комплекс Ванг Фук, додека уште 12 лица се уапсени во одделна истрага за корупција, објави Ројтерс. Властите соопштија дека ќе биде формиран независен одбор кој ќе ги истражи причините за минатонеделната трагедија и брзото ширење на огнената стихија.
Лидерот на Хонгконг, Џон Ли, најави дека специјалниот одбор ќе го преиспита надзорот врз процесите на реновирање на зградите што изгореа во пожарот во кој загинаа најмалку 156 лица.
Според властите, неквалитетната пластична мрежа и изолациона пена користени при реновирањето придонеле огнот да се прошири со голема брзина на седум од осумте кули во комплексот, каде што живеат повеќе од 4.000 луѓе.
„За да избегнеме слични трагедии, ќе воспоставам независен одбор предводен од судии, кој ќе ги испита причините за пожарот и сите поврзани прашања“, изјави Ли.
Истражителите ја завршија претрагата на сите изгорени кули, а 30 лица сè уште се водат како исчезнати.

