Соединетите Американски Држави побараа прекин на огнот во конфликтот со Иран, изјави министерот за надворешни работи на земјата, Абас Арагчи, за време на гостувањето во емисијата „Meet The Press“ на телевизијата NBC.
Арагчи, исто така, во интервјуто рече дека Соединетите Американски Држави и Израел убиваат ирански цивили.
„Тие убиваат наши луѓе, убиваат ученички, напаѓаат болници“, рече Арагчи.
Тој оцени дека Израел и САД веќе го прекршиле примирјето постигнато по минатогодишната дванаесетдневна војна.
„Сега повторно барате прекин на огнот? Не функционира така“, рече Арагчи, додавајќи дека е потребен траен крај на војната.
„Додека тоа не се постигне, мислам дека мора да продолжиме да се бориме за доброто на нашиот народ и нашата безбедност“, рече тој.
Запрашан за наводната соработка меѓу Русија и Иран во врска со доставувањето разузнавачки информации и локациите на американските сили на Блискиот Исток, Арагчи рече дека „соработката меѓу Иран и Русија не е нова или тајна“, но не потврди дали руското разузнавање му помага на Иран да пронајде американски воени цели.
Арагчи, исто така, истакна дека Иран не ги нападнал намерно соседните земји.
„Ние напаѓаме американски бази, инсталации и средства, кои, за жал, се наоѓаат на територијата на нашите соседи“, рече тој.
Тој додаде дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан им се извинил на народите во регионот затоа што, како што рече тој, „извинувањето е дел од културата на иранскиот наро и за непријатностите што ги претрпеле поради американската агресија и одговорот на Иран“.