Археолозите во Гватемала открија скоро 3.000 години старо наоѓалиште од ерата на Маите во северот на земјата. Претпоставките говорат дека местото било едно од најважните обредни средишта во тоа подрачје, вели предводникот на археолошките ископувања, Милан Ковач.
Новооткриеното наоѓалиште го доби името Лос Абуелос (во превод: „Бабите и дедовците“), откако таму биле пронајдени две седнати камени скулптури, за коишто се верува дека претставуваат маж и жена. Ковач вчера изјави дека се смета оти скулптурите се поврзани со обожавањето на предците и дека близу статуите, високи околу 1,5 метри, се пронајдени и скршени ќерамички садови – најверојатно за ритуални приноси.
Лос Абуелос се наоѓа во прашумата близу Ваксактун, во областа Петен и се протега на околу 16 квадратни километри. Се наоѓа на околу 40 километри северно од Тикал – населба под заштита на УНЕСКО.
Ископувањата открија и набљудувачница, пирамиди, олтари, фрагменти од стела и ќерамика. Истражувачите веруваат дека светилиштето служело како обредно собиралиште околу 1.000 години пред да биде напуштено, а потоа тоа место повторно било запоседнато околу 800 година од нашата ера.