Авионот на словачкиот премиер оштетен во Брисел, Фицо остана без превоз

Авионот на Одделот за воздухопловство при Министерството за внатрешни работи на Словачка, со кој словачкиот премиер Роберт Фицо пристигна во Брисел на самитот ЕУ–Западен Балкан и на состанокот на Европскиот совет, претрпел оштетување на аеродромот во белгиската престолнина и моментално не е способен за летање.

Информацијата ја соопшти самиот Фицо, наведувајќи дека леталото било сериозно оштетено откако во него удрило возило со подвижни скали за влез и излез на патници, пренесува словачката новинска агенција ТАСР.

„Напорниот самит во Брисел не започна добро. Возилото со подвижни скали го оштети нашиот авион до таа мера што веќе не е исправен за летање и мора да остане тука“, изјави словачкиот премиер.

Фицо во средата вечерта учествувал на самитот на лидерите на Европскиот совет и земјите од Западен Балкан, а денеска треба да присуствува и на состанок на неформалната група за индустрија и конкурентност, по што ќе следува и редовниот самит на Европската Унија.

Според најавите, лидерите на земјите членки на ЕУ ќе разговараат за финансирањето на Украина, европската безбедност, проширувањето на Унијата и долгорочниот буџет за периодот 2028–2034 година. На агендата се и состојбите на Блискиот Исток, миграцијата и конкурентноста на ЕУ.

Зачлени се на нашиот е-билтен