Австралискиот премиер Ентони Албаниз изјави дека нападот што се случи во неделата во Бонди Бич бил мотивиран од екстремистичката идеологија на Исламска држава. Изјавите на Албаниз беа објавени од неговиот кабинет и потекнуваат од интервју за радиото ABC Sydney.
„Се чини дека овој напад бил мотивиран од идеологијата на Исламска држава“, изјави Албаниз, додавајќи дека станува збор за „идеологија на омраза која е присутна повеќе од една деценија и која во овој случај довела до подготвеност за масовно убиство“.
Премиерот го опиша нападот како „методичен, пресметан и ладнокрвен“, нагласувајќи дека сите досега собрани информации укажуваат оти двајцата напаѓачи дејствувале самостојно.
Австралиските власти соопштија дека напаѓачите, Саџид Акрам и неговиот син Навид Акрам, не биле дел од организирана терористичка ќелија, но се смета дека биле мотивирани од екстремистичка идеологија поврзана со Исламска држава. Според австралискиот јавен сервис ABC, истражителите од Заедничкиот антитерористички тим веруваат дека напаѓачите положиле заклетва на верност кон ИСИС, а во нивното возило биле пронајдени две знамиња на оваа терористичка организација.
Навид Акрам бил под надзор на австралиската разузнавачка служба ASIO уште во 2019 година, откако полицијата спречила планиран напад поврзан со Исламска држава. Според висок функционер на Заедничкиот антитерористички тим, тој бил блиско поврзан со Исак Ел Матари, кој во 2021 година беше осуден на седум години затвор за терористички кривични дела и кој се прогласил за командант на Исламска држава за Австралија.
Исламска држава, која некогаш дејствуваше од Ирак и Сирија, стои зад некои од најсмртоносните терористички напади во последните години, меѓу кои и нападите во Париз во 2015 година, како и нападот врз концертната сала „Крокус“ во Русија во 2024 година.