Во време кога во Австрија се засилуваат повиците за одвојување на политиката од судството, владата се обидува да воведе значајна реформа со цел да го зајакне владеењето на правото и да спречи политичко влијание врз кривичните постапки.
Коалицијата составена од конзервативната Австриска народна партија, Социјалдемократите и либералната Неос, постигна договор за формирање ново, целосно независно Федерално обвинителство. Ова тело, составено од тројца обвинители со шестгодишен мандат, ќе ги преземе овластувањата за надзор врз јавните обвинителства од Министерството за правда. Идејата е да се отстрани каква било можност министерот за правда да влијае врз текот на кривичните постапки.
„Веројатно ќе бидам последниот министер за правда што ќе раководи со јавното обвинителство и ќе дава инструкции, а тоа е добра работа“, изјави министерката Ана Шпорер по усвојувањето на планот.
И покрај генералната поддршка од професионалната јавност, не сите детали се примени со ентузијазам. Некои правни експерти критикуваат дека изборот на членовите на Федералното обвинителство, кој ќе биде од Парламентот и со предлог на Владата, може да остави простор за политички влијанија. Исто така, според критичарите, не е доволно јасно колку ова тело ќе биде предмет на парламентарен надзор, а ќе го нема досегашниот механизам на одговорност пред законодавниот дом.
Мартин Улрих од Австрискиот сојуз на јавна администрација предупредува дека реформата ќе биде ефективна само ако се исполнат три услови: обвинителите мора да имаат статус на судски органи загарантиран со устав, истрагите да не бидат подложни на постојан политички надзор и само професионалци со долгогодишно искуство да бидат дел од новото тело.
Оваа иницијатива е дел од обидите да се спречи влијанието на политиката, кое во последните години стана видливо по низа истраги против високи политички функционери, меѓу кои и поранешниот канцелар Себастијан Курц.
Министерката Шпорер уверува дека основањето на Федералното обвинителство „ја елиминира теоретската можност политичко влијание врз кривичните постапки“ и е голем чекор кон зајакнување на правната држава.
Сепак, уште не е познато кога реформата ќе стане официјален закон, бидејќи текстот сè уште треба да се формулира и да помине низ Парламентот.