Австрискиот парламент денеска изгласа заострување на Законот за оружје, како реакција на вооружениот напад во јуни во едно училиште во Грац, во кој загинаа десет лица.
По неколкумесечна дебата, пратениците одобрија зголемување на минималната возраст за поседување пиштол – од 21 на 25 години, а за ловечки пушки – од 18 на 21 година. Новите правила ќе важат од 2026 година.
Секој кој поседува оружје ќе мора да помине клиничка и психолошка проценка при поднесување барање, а повторно и пет години подоцна. Исклучоци се предвидени за ловците и спортските стрелци, кои мораат да поминат „строга обука“.
Против законот гласаше само крајно десничарската Слободарска партија (ФПО), која смета дека наместо на легалните сопственици, акцентот треба да се стави на спречување на нелегалното поседување оружје. Зелените, иако го поддржаа законот, изразија жалење што мерките не се уште построги и што има премногу исклучоци.
Австрија со 9,2 милиони жители има повеќе од 1,5 милиони регистрирани парчиња оружје во сопственост на околу 370.000 граѓани.
На 10 јуни, поранешен ученик (19) упадна во училиштето во Грац вооружен со пушка и пиштол „Глок“, при што уби девет ученици на возраст од 14 до 17 години и еден наставник, по што изврши самоубиство.
Иако во мај ја добил дозволата за оружје и претходно поминал психолошка проценка, при стапување во полнолетство бил прогласен за „неспособен“ за воена служба поради неуспешни психолошки тестови.